Дополнителна настава

Училиштето организира дополнителна настава за учениците кои имаат тешкотии во учењето и на кои им е потребна дополнителна  помош. Важни дидактички особености на овој вид настава е тоа што наставникот кој ја води оваа настава има поголемо влијание на нејзиното програмско, дидактичко и методско осмислување. Се организира во текот на целата наставна година паралелно со редовната настава, пред или по редовната настава. 

Ученикот од прво до петто одделение може да следи најмногу по еден час неделно дополнителна настава за најмногу два различни наставни предмети одделно. Ученикот од шесто до деветто одделение може да следи најмногу по еден час неделно дополнителна настава за најмногу три различни наставни предмети одделно. Дополнителната настава за ученикот трае додека ученикот не ги постигне очекуваните резултати согласно наставната програма. Ученикот се вклучува во дополнителна настава по проценка на наставникот од следењето на напредокот на учениците во настава, во согласност и договор со родителот/старателот.

  • Дополнителната настава се организира за ученици кои покажуваат континуирано слаби резултати во учењето:
  • за ученици со помали предзнаења за наставниот предмет или одредена тема од наставниот предмет;
  • за ученци кои покажале слаби резултати од учењето (имаат негативна оценка  за одредена тема, не ги постигнале минимум резултатите од учење);
  • за ученици што подолго време отсуствувале од настава и
  • за ученици со потешкотии во учењето.

За успешно организирање на дополнителната настава неопходно е континуирано следење и вреднување на успехот и напредокот на секој ученик, како и постојана контрола на неговите развојни карактеристики и потреби. Содржините за оваа настава се специфични за секој ученик и според индивидуалните потреби и карактеристики на ученикот се применува индивидуална форма на работа, работа во групи, а може да се користи и заедничка работа со учениците од секоја од групите. Организирањето и реализацијата се одвива според изготвен распоред за секој предмет одделно, на месечно ниво кој се истакнува на огласната табла и на web страната на училиштето.