Редовна настава

Воспитно образовната дејност во училиштето се одвива според Наставниот план за деветгодишно образование, наставните програми по секој предмет предложени од Бирото за развој на образованието одобрени од МОН и Годишната програма на училиштето. Наставата во училиштето од прво до деветто одделение ги опфаќа сите наставни предмети што се задолжителни за учениците според нивната застапеност во наставниот план и програми, а во рамките на утврдениот фонд на часови. 

Наставата во училиштето се изведува на македонски наставен јазик како во централното така и во подрачните училишта.

Во нашето училиште во учебната 2023/14 година  има 17 чисти и 5 комбинирани паралелки. 

Наставата во прво, второ, трето, четврто и петто одделение ја изведуваат одделенски наставници, со вклучување на наставници по англиски јазик и наставник по физичко образование (тандем настава), а во петто одделение се вклучуваат и предметни наставници по природни науки и техничко образование. 

Наставата од шесто до деветто одделение ја изведуваат предметни наставници. Прв задолжителeн странски јазик е англиски јазик, а како втор задолжителен јазик кој се изучува од шесто одделение е француски јазик.

Според Концепцијата за деветгодишно основно образование и воспитание, наставата се реализира низ три воспитно-образовни периоди и тоа: 

Во првиот развоен период – од прво до трето одделение задолжителни се следните предмети: македонски јазик, математика, англиски јазик, природни науки, општество, ликовно образование, музичко образование и физичко и здравствено образование. Учениците во овој период изучуваат осум предмети. 

Во вториот развоен период – од четврто до шесто одделение задолжителни се следните предмети: македонски јазик, математика, англиски јазик, француски јазик, ликовно образование, музичко образование, физичко и здравствено образование, природни науки, историја и општество (историја), историја и општество (географија), историја и општество (граѓанско образование), историја, техничко образование и информатика (информатика) и информатика. Во четврто и петто одделение учениците изучуваат десет, а во шесто одделение дванаесет предмети. 

Во третиот развоен период – од седмо до деветто одделение задолжителни се следните предмети: македонски јазик, математика, англиски јазик, француски јазик, географија, историја, граѓанско образование, информатика, биологија, физика, хемија, ликовно образование, музичко образование и физичко и здравствено образование, етика и иновации. Во седмо одделение учениците имаат дванаесет предмети, во осмо одделение тринаесет предмети и во деветто одделение четиринаесет предмети.